Сара Миленковска е феминистичка активистка, истражувачка и комуникаторка чија визија стои зад основањето и развојот на Мрежата Стела – женска, солидарна мрежа за менторство која ги поврзува и поддржува девојки и жени во нивниот академски и професионален раст. Како коосновачка и програмска менаџерка, таа има водечка улога во дизајнирањето на менторски програми, феминистички работилници и кампањи за застапување кои ја промовираат родовата еднаквост.
Под нејзиното водство, Стела иницираше проекти како што е #СподелиАвторка, со кој се донирани илјадници книги од феминистичка и квир литература низ цела Македонија. Сара ja разбира грижата како политичка пракса – основа на колективна акција, одржливост и заедничка трансформација. Сара има магистратура по род, политика и нееднаквост од Лондонската школа за економија (LSE), како и магистратура по стратешки комуникации од ИКС Скопје. Нејзината академска работа е посветена на колективната грижа како алатка за отпор, заедништво и замислување на поинаква иднина, што е во срцето на сè што прави – и во Стела и надвор од неа.
Воедно, таа е проектна координаторка во Коалиција МАРГИНИ, каде работи на проекти поврзани со борбата против анти-родови наративи, дигитално насилство и намалување на граѓанскиот простор. Како делегатка на Глобалниот дијалог на Обединетите нации за технологија, таа ги внесе феминистичките перспективи во дебатата за дигитално родово насилство и анти-родови движења.
Сара ја темели својата работа на интерсекциска анализа, грижлива организација и непоколеблива посветеност на трансформативната моќ на женските заедници. Преку Стела – таа не само што гради мрежа, туку и создава политичко, солидарно и феминистичко движење.