Сподели Авторка

Иницијативата #СподелиАвторка веќе повеќе од три години ги полни јавните библиотеки со она што недостастува – женското писмо и нашите омилени авторки. „Сподели авторка“ е солидарна иницијатива на Мрежа Стела започната со цел да го промовира женското литературно творештво и достапноста до феминистичката литература во јавните библиотеки.

На 22 март во 2021 година за прв пат дониравме книги преку „Сподели авторка“ за НУУБ „Св.Климент Охридски“ – Битола“. Низ годините се покажа дека оваа иницијатива е многу важна за споделување на женското творештво и за феминистичката литература, за поддршка на авторките но и поттик за многумина да продолжат да творат и да го развиваат женското писмо.

Во рамки на иницијативата досега имаме донирано над 3.500 книги низ цела Македонија, со фокус на помалите места и јавните простори во Делчево, Кочани, Кичево, Струга, Тетово, Крива Паланка…, како и донација од стотина книги во библиотеката на женското одделение на КПУ Идризово.

Но, „Сподели авторка“ е многу повеќе од ширење и поддржување на женското писмо во локалните библиотеки. Идејата е креирањето на солидарни мрежи, запознавање на младите со локалните библиотеки, имено и зачувување на истите како јавни простори.

#СподелиAвторка продолжува и понатаму да донира книги, а кон иницијативата можете да придонесете и вие со донација на книги од женски автори. Дополнително може да предложите и Книга на месецот од женско творештво, која ќе биде објавена на нашите социјални медиуми.

Придружете ни се и бидете дел од приказната на #СподелиАвторка.

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.