На студентската конференција „Дигитална слобода и родова еднаквост: Скини ги синџирите на онлајн насилството“ на Правниот факултет во Битола зборувавме за родовото насилство во онлајн просторот чии форми може да бидат помалку видливи, но често имаат долготрајни психолошки последици по жртвите, со оглед на тоа што дигиталниот простор овозможува насилството да се споделува глобално. Kонцептот пак на родовите дезинформации може да биде поставен во облиците на манифестирање на родово-базираното насилство, затоа што вклучуваат дисеминација на лажни наративи, стереотипи и предрасуди кои ја овозможуваат и олеснуваат маргинализацијата и дискриминацијата на одредени групи.
Во рамки на конференцијата беше промовиран и Прирачникот за справување со родови дезинформации и родово-базирано насилство во дигиталниот простор напишан од професорката Ангелина Станојоска.
Нашите панелистки, професорката Станојоска, проектната координаторка Љупка Трајановска, психологот и семеен советник од Женскиот центар за поддршка во Битола, Наташа Бекирова, како и студентката од УКЛО, Зорица Станковска, се согласија дека е потребно да се работи уште многу за промени во институциите за ова насилство да биде сфатено сериозно и да научат жртвите да го препознаваат, а системот да заштитува и превенира.
Конференцијата се одржа во рамките на регионалниот проект „Defend the right to be yourself“ со финансиска поддршка од Министерството за надворешни работи на Франција во Северна Македонија.






